Дел Потро не може да се справи со повредите, најави крај на кариерата

Еден од најдобрите аргентински тенисери на сите времиња, Хуан Мартин Дел Потро, се реши јавно да зборува за големите проблеми со повредите.

31-годишниот Аргентинец во текот на својата кариера претрпе голем број на незгодни повреди, кои не му дозволија да го покаже својот потенцијал во целост и го оддалечија од врвот на тенискиот свет. 

Тој во 2016 година испадна од првите 1.000 на АТП листата, но се врати на терените и освои Мастерс, а две години подоцна се искачи на третата позиција на листата. Но, за жал следеше нова повреда, откако на Мастерсот во Шангај (2018) повторно го повреди десното колено. Заздравувањето беше долго и макотрпно, а по неговото враќање во 2019 година одигра само пет турнири и 12 натпревари, откако се здоби со нова повреда во Квинс.

„Како што сите знаете долго време се мачам со повредите. Последната дојде кога бев меѓу најдобрите пет во светот. Навистина сакам да се вратам на терените, но реално тоа ќе биде многу тешко. Докторите ме охрабруваат дека ќе можам да играм на високо ниво, но сите знаеме дека шансите за тоа се многу мали. Во мојата кариера имав многу подеми и падови, но оваа ситуација е комплицирана“, истакна Делпо и побара од навивачите да се запрашат дали некогаш повторно ќе го видат на тениските терени“, заврши Аргентинецот.

Во својата богата кариера, Дел Потро освои и еден Грен слем, пред 11 години, кога триумфираше на УС Опен, а има сребро и бронза во сингл од последните две Олимписки игри.