Циципас со сигурни чекори до полуфинале, во три сета совладан Лехачка

Грчкиот тенисер Стефанос Циципас се пласира во полуфиналето на Австралија Oпен, првиот од традиционално четирите Грен слем собири во тениската сезона.

Циципас во второто четвртфинале го совлада Јиржи Лехачка по три сета со 6-3, 7-6, 6-4. Грчкиот ас првиот сет го реши благодарение на одличната игра во петтиот гем, во кој се избори за брејк и предност која што беше недостижна за противникот.

Во вториот сет се водеше голема битка на централниот терен во Мелбурн. Во четвртиот гем, Циципас спаси пет брејк топки, а Лехачка, пак, не му даде ниту една шанса за брејк на фаворизираниот ривал, па сетот замина во тај-брејк, во кој Гркот беше поуспешен и поведе со 2-0.

Големата борбата продолжи и во третиот сет. Циципас спаси три брејк топки во седмиот гем, а потоа во десеттиот ја искористи првата брејк топка, која што му донесе и победа на мечот.

Противник на Циципас во полуфиналето ќе му биде 18. носител на турнирот, Карен Хачанов, откако Себастијан Корда му го предаде мечот по два и пол сета.