Циципас по два часа се справи со дебитантот Рубљев

Грчкиот тенисер Стефанос Циципас ја забележа првата победа на завршниот мастерс-турнир кој се игра во „О2 Арена“ во Лондон, Англија.

По двочасовна битка, Циципас беше подобар од дебитантот Андреј Рубљев, кого го доби со 2-1 во сетови (6-1, 4-6, 7-6). Првиот убедлив сет не наговестуваше ваков борбен натпревар за Русинот, кој беше во игра за победата до самиот финиш.

Пресуди тајбрејкот, во кој Рубљев загуби здив при предност од 5-6, па му дозволи на Циципас да освои две топки на негов сервис, а потоа преку првата меч-топка да ја потврди победата.

Циципас во последното трето коло од групата ќе игра со Рафаел Надал кој исто така има една победа и еден пораз, додека Рубљев ќе се соочи со перфектниот Доминик Тием.