Циципас останува „крал“ во Монте Карло, крај на бајката за Давидович Фокина

Циципас

Стефанос Циципас ја одбрани титулата на Мастерс турнирот во Монте Карло со денешното славје во финалето над Алехандро Давидович Фокина (6-3, 7-6/3).

Шпанецот тргна одлично и прв направи брејк. Меѓутоа неговиот противник се врати експресно, а потоа со уште еден одземен сервис го доби првиот сет. На почетокот од вториот сет фаворитот одново се одлепи. Но, одново следуваше брејк, со кој Фокина израмни на 2-2. Циципас сепак успеа по еден драматичен гем да стекне нова предност, но падна на притисокот на свој сервис и дозволи ривалот да остане во игра во финалната пресметка. 

На крај одлуката за победникот на сетот падна во тај-брејкот. Гркот стигна до 5-1 и не погледна назад. Овојпат успешно го приведе финалето кон крајот и стави крај на секоја надеж за Фокина.

За грчкиот тенисер ова е втора Мастерс титула, по онаа на истото место пред дванаесет месеци.