• Иван Димовски

Стефанос Циципас се обиде, меѓутоа немаше сили целосно да му парира на Новак Ѓоковиќ во финалето на Австралија Опен. Гркот двапати го натера ривалот да игра тај-брејк, но без освоен сет го положи оружјето во Мелбурн.
По мечот, Циципас призна дека му се восхитува на противникот, нагласи дека тој е најголемиот тенисер кој некогаш играл и имаше само пофални зборови.
„Новак, не знам што да ти кажам, резултатите зборуваат сами за себе. Тоа што го правиш за нашиот спорт, што досега си го исполнил, сè е во бројките. Ти честитам, не само од мене, туку и од целото мое семејство, имаме слична тениска позадина. Ти се восхитувам за сè што си направил за тенисот и правиш јас да бидам подобар кога сум со тебе на теренот.
Имав привилегија да играм многу мечеви со висок интензитет. Новак го извлекува најдоброто од мене, тој е најголемиот кој некогаш држел рекет во историјата!
Не е лесно да се загуби уште едно финале, но секогаш имам желба да се вратам на теренот. Благодарен сум што имам група луѓе кои ме поддржуваат“, изјави Циципас.
Ѓоковиќ десетти пат го крена трофејот во Мелбурн, а вкупно има 22 Грен слем титули, исто колку што има и Рафаел Надал.