Циципас искрен: Сè ќе беше поинаку без Ѓоковиќ, Надал и Федерер

Стефанос Циципас е дел од „следната генерација“ тенисери, оние кои треба да ја заменат „големата тројка“ кога ќе дојде време. Гркот котира добро на АТП ранкингот, но и натаму е без позначаен успех на големите турнири. Сепак, тој знае дека ова е време во кое владеат Ѓоковиќ, Надал и Федерер и имаше пофални зборови за нив. 

„Мислам дека им се приближуваме, но Новак, Рафа и Роџер ја изградија најдобрата генерација во историјата на тенисот. Не е лесно да се издвои еден од нив. Покрај сè, мислам дека ни помогнаа и нам да го кренеме нивото на игра и да дојдеме до одредени квалитети. Без нив сè би било поинаку. Тие се тука многу години, Новак и натаму е лидер, Надал се врати и пак освојува титули. Секако, верувам дека можат да продолжат да победуваат“, кажа Циципас.

23-годишникот е моментално на четвртото место на светската ранг-листа, еднаш играше финале на Ролан Гарос и загуби од Ѓоковиќ, а нему му се предвидува битка за големи трофеи и во иднина.