Човекот на кој му даваа 5% шанси да преживее првпат победи на Грен Слем!

Себастијан Горзни ја испиша една од највпечатливите приказни на годинашниот УС Опен. Американскиот тенисер, кој пред седум години имал само пет проценти шанси да преживее, денес слави прва победа на Грен слем турнир и си обезбеди дуел со Данил Медведев.

Во 2019 година, кога имал само 15 години, Горзни доживеал вистинска драма за време на јуниорски турнир во Каламазу. Среде ноќ добил напад, по што итно бил пренесен во болница и ставен во индуцирана кома. Лекарите и денес не можат со сигурност да утврдат што ја предизвикало неговата состојба, но се сомневаат дека сè започнало со убод од комарец кој довел до сериозна мозочна инфекција, односно менингитис или енцефалитис. Состојбата била исклучително критична.

„Ми кажаа дека имам само пет проценти шанси да преживеам. Кога требало да ги извадат цевките, не било сигурно дали повторно ќе почнам да дишам самостојно. За среќа, целосно се опоравив и бескрајно сум благодарен на медицинскиот тим што се грижеше за мене. За мене тоа беше како еден долг сон. Заспаав и потоа се разбудив без да се сеќавам на ништо. Но знам колку тежок период беше тоа за моето семејство, кое не знаеше дали воопшто ќе се разбудам. Таквите работи ве учат да бидете благодарни и повеќе да ги цените луѓето околу себе.“

Седум години подоцна, 22-годишниот Американец, кој на УС Опен пристигна како 731. тенисер на АТП листата, направи вистински подвиг во својот прв настап на Грен слем турнир. Во драматичен меч од првото коло против Белгиецот Рафаел Колинјон, Горзни спаси дури пет меч-топки и по голема борба славеше со 3-6, 6-3, 3-6, 6-3, 7-6(9).

Неговиот пат до Њујорк исто така бил необичен. Во 2022 година заедно со Алекс Микелсен ја освои јуниорската титула во двојки на Вимблдон, а потоа се насочи кон универзитетскиот тенис. Настапуваше за ТЦУ и Универзитетот Тексас, каде што оваа година беше рангиран како втор најдобар сингл играч во колеџ-системот и беше прогласен за најдобар сениор меѓу американските универзитетски тенисери.

Во јуни избори специјална покана за главниот турнир на УС Опен преку плеј-офот за универзитетски играчи, а сега го живее најголемиот момент во својата кариера. Наградата за фантастичниот пресврт во првото коло е спектакуларен дуел против Данил Медведев, шампионот на УС Опен од 2021 година.