Чилиќ: Ѓоковиќ сам треба да си одлучи дали ќе игра на Австралија Опен

Поранешниот шампион на УС Опен, Марин Чилиќ смета дека Новак Ѓоковиќ самиот треба да донесе одлука дали ќе игра на првиот Грен слем во следната сезона, Австралија Опен.

Турнирот во Мелбурн се игра од 17 до 30 јануари, но спрскиот ас сè уште дефинитивно не потврдил дали ќе учествува на овој собир.

„Тоа е лична работа. Новак сам си одлучува дали ќе се вакцинира и дали ќе игра. Не би коментирал за тоа. Не знам како ќе изгледа сè следната година поради коронавирусот, мислам дека никој не може да го предвиди тоа. Ова сезоната беше невообичаена, но ситуацијата се промени. Сега барем можеме да се дружиме на турнири, да излеземе на пијачка и да живееме понормално. Полесно е тоа отколку кога бевме само во хотели и на терен“, изјави Чилиќ за „Индекс“.

Чилиќ во наредните денови ќе настапи на завршниот Дејвис куп турнир во Торино. Првиот натпревар во групата Хрватите го играат во четврток против Австралија, а в недела противник им е Унгарија.