Чешко финале за паметење и прва Грен Слем титула за Носкова

Линда Носкова е новата шампионка на Вимблдон. 21-годишната Чехинка во големото финале ја совлада својата сонародничка Каролина Мухова со 2-1 во сетови (6-2, 5-7, 6-3) и ја освои првата грен слем титула во кариерата. Малкумина пред почетокот на турнирот очекуваа дека токму две чешки тенисерки ќе се борат за најпрестижниот трофеј на тревната подлога. Сепак, Носкова и Мухова приредија серија изненадувања и испишаа историја, играјќи го првото целосно чешко финале на Вимблдон во Опен ерата.

Носкова од самиот почеток го наметна својот ритам. Со моќен сервис и агресивна игра од основната линија целосно ја исфрли Мухова од ритам и убедливо го доби првиот сет со 6-2. Во вториот сет младата Чехинка повторно беше поблиску до победата. Стигна до брејк и имаше дури четири меч-топки, но не успеа да ја заврши работата. Мухова покажа голем карактер, направи пресврт, освои три гема по ред и со 7-5 го доби вториот сет, со што израмни на 1-1. Одлучувачкиот сет започна идеално за Носкова, која брзо поведе со 3-0 благодарение на раниот брејк. Иако Мухова се бореше до последниот поен и се обидуваше да се врати во мечот, овојпат Носкова не дозволи нов пресврт и сигурно ја приведе средбата до крај, по што емоциите ја совладаа и низ солзи го прослави најголемиот успех во кариерата.

Ова е прва грен слем титула за Линда Носкова, која со овој триумф го потврди огромниот потенцијал што со години ѝ го предвидуваше тениската јавност. Од друга страна, Каролина Мухова, и покрај поразот, уште еднаш покажа дека припаѓа во светскиот врв. По бројните проблеми со повредите, таа одигра извонреден турнир, но во финалето не успеа да најде решение за инспирираната сонародничка. За Мухова ова беше второ загубено грен слем финале, по поразот од Ига Швјонтек во финалето на Ролан Гарос во 2023 година.

Во машка конкуренција, трофејот на Вимблдон ќе го решаваат Јаник Синер и Александер Зверев.