• Саше Љолес
Угледниот британски „Телеграф“ објави статија поврзана со заработката на тенисерите, во која се изразува голема благодарност до Новак Ѓоковиќ, кој е креатор на Независната асоцијација на играчи (ПТПА).
Оваа организација се занимава со унапредување на статусот на тенисерите и зголемување на нивната заработка, особено за оние кои потешко стигнуваат до првите 50 места на АТП листата и со години мака мачат со долгите, тешки и скапи патувања.
„Ѓоковиќ покрена прекрасна акција која веќе ги дава првите резултати. Тој е мултимилионер и може лесно да не се оптоварува со овие нешта, но секогаш е тука да им помогне на своите колеги и придонесува за развојот на овој спорт.
Неговата мисија е навистина благородна“, стои во објавата.
Оваа тема стана повторно актуелна откако многу тенисери во последно време жестоко го критикуваа напорниот АТП распоред и сметаат дека играчите не се доволно заштитени од повеќе аспекти.
Повеќето се убедени дека заработката на турнирите треба да биде поголема, а исто така се работи и на обезбедување задолжителна компензација при евентуална потешка повреда на било кој АТП турнир. Ѓоковиќ веќе неколку пати изјавуваше дека некои работи мора да се променат и го потенцираше фактот дека во ТОП 100 најплатените спортисти на светот дури десетмина се голфери, а само двајца се припадници на „белиот спорт“.