Борба за Рим: Ѓоковиќ се заканува на доминацијата на Надал во „вечниот град“

Надал Ѓоковиќ

Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ одново ќе застанат еден наспроти друг во едно финале. Овојпат на маса е титулата на турнирот во Рим, каде искусните тенисери имаа решение за сите закани од „новата генерација“.

Србинот има две победи повеќе во меѓусебните дуели. Денешниот судир е број 57 во кариерите на двајцата тениски великани.

Земјената подлога е заштитен знак на шпанскиот ас, па очекувано е да има предност во финалето. Тој води и во дуелите одиграни во „вечниот град“. Пет пати се радувал против големиот ривал, кој во три наврати му застанал на патот за нов трофеј.

Нивната доминација во италијанската престолнина е неверојатна. Еден од нив победил на 14 од последните 16 изданија на турнирот. Меѓусебно одиграле пет финалиња во Рим (2009, 2011, 2012, 2014 и 2019).

Ѓоковиќ ќе се стреми кон силен почеток и рано водство против Надал, бидејќи тој знае подобро од сите колку е опасно да му се даде на Шпанецот каква било предност на земјена подлога. Големиот судир е закажан за денес во 17:00 часот.