Берк Бугариќ ѝ го донесе првиот поен на Македонија во Дејвис Купот

Македонската тениска репрезентација поведе со 1-0 во мечот против Малта од првото коло од Третата Европска група на Дејвис Купот, кој се игра во Скопје. Првиот поен за Македонија го донесе Берк Бугариќ, кој по еден час и 50 минути го совлада Лиам Деликата со 2-0 во сетови 7-6/2 и 6-2.

Бугариќ добро стартуваше во мечот и поведе со 2-0 во гемови, но потоа следуваше пад во играта и противникот направи пресврт. Во следните три гема повторно имаше брејк на двете страни и резултатот беше 4-4 во гемови. До крајот на сетот немаше брејк, па затоа мораше да решава тај-брејкот. Бугариќ направи серија од пет поени за водство од 5-0 и таа предност ја зачува до крајот. и гемот го доби со 7-2.

Во вториот сет Деликата поведе со 1-0, но набрзо Бугариќ со серија од четири гема направи комплетен пресврт за водство од 4-1, заокуржувајќи го сетот со конечни 6-2. 

Во вториот меч за Македонија настапува Стефан Мицов, додека во игра на двојки се пријавени Берк Бугариќ и Амар Хусеиновиќ.

ФОТО: Игор Паневски/Mftennis.mk