Бекер: Сакам „големата тројка“ да падне додека сѐ уште е активна

Поранешниот германски тенисер и тренер Борис Бекер говореше за актуелната ситуација во „белиот спорт“ и истакна дека новата генерација на тенисери му дава надеж дека доминацијата на „големата тројка“ - Ѓоковиќ, Федерер, Надал, може да биде прекината.

Бекер ги пофали младите тенисери, а истакна дека желба му е тие да ги победат најдобрите асови додека се активни, а не да ги симнат од врвот кога ќе заминат во пензија.

„Таа „голема тројка“ освои сѐ. Мислам дека е време младата генерација да дојде на површина. Најдобриот од сите е Доминик Тием, играше три Грен Слем финалиња, а посебно ми се допадна мечот против Новак Ѓоковиќ во Австралија. Ми се допаѓа и Циципас, затоа е одлично момче и на теренот и надвор од него. Тука е и Зверев кој има 22 години, целата кариера е пред него. Сакам да видам како тенисерите од „големата тројка“ паѓаат од младите додека се активни, а не кога ќе заминат во пензија“, изјави Бекер.

Ѓоковиќ, Федерер и Надал се неприкосновени со години во светскиот тенис, а досега младите тенисери ретко успевале да ги надиграат и да им „украдат“ некој од посакуваните трофеи.