ВИДЕО: Баутиста-Агут по три сета го совлада Бердих и ја освои титулата во Доха

Шпанецот Роберто Баутиста-Агут, по победата во полуфиналето против Новак Ѓоковиќ, во финалето на АТП турнирот во Доха го совлада Томаш Бердих со 2-1 (6-4, 3-6, 6-3) и го освои првиот турнир во новата година.

Во првиот сет и двата тенисери беа сигурни на свој сервис, а клучен се покажа седмиот гем, единствен во кој шпанскиот тенисер направи брејк, што беше доволен за освојување на сетот. Чехот, во вториот сет возврати на сличен начин, направи брејк во четвртиот гем и со сигурна игра на свој сервис го доби сетот со 3-6 и израмни на 1-1.

Во третиот одлучувачки сет, Баутиста-Агут го одзеде сервисот на Бердих во четвртиот гем и поведе со 3-1, а Чехот во седмиот гем не искористи две брејк шанси, што на крајот се покажа и како пресудно за победа на Шпанецот од 2-1 во сетови.

За 30-годишниот Агут денешниот трофеј од Доха е негов деветти во кариерата, а Бердих повторно остана без титула (последната освоена за Чехот е мај 2017 година на АТП турнирот во Лион).