Бадоса и Швојнтек обезбедија место на завршниот Мастерс во Гвадалахара

До крајот на тениската сезона преостануваат уште неколку АТП и ВТА турнири, како и завршните Мастерси. Полската тенисерка Ига Швојнтек и нејзината шпанска колешка Паула Бадоса ќе дебитираат идниот месец на ВТА завршниот турнир во Гвадалахара во Мексико.

Швојнтек, која лани сензационално триумфираше на Ролан Гарос, сезонава стигна најмалку до четвртото коло на сите четири грен-слем турнири, а освои и два ВТА турнири. Успешна сезона имаше и Бадоса, која ги освои титулите во Белград и Индијан Велс, а дојде до четвртфиналето на Ролан Гарос.

Сабаленка од Белорусија, Барбора Крејчикова и Каролина Плишкова од Чешка, како и Гркинката Марија Сакари обезбедија настап меѓу осумте најдобри тенисерки на завршницата во Гвадалахара, а за испразнетото место по повлекувањето на најдобрата светска тенисерка Ешли Барти, се борат Тунижанката Онс Џабер и Естонката Анет Контавеити.