• Саше Љолес

Репрезентативецот на Србија, Алекса Аврамовиќ, одигра феноменално на Светското кошаркарско првенство, каде неговата екипа се закити со сребрениот медал, откако загуби од Германија во финалето.
Еден од подобрите поединци на „орлите“, даде интересна изјава поврзана со најдобриот светски рекет, Новак Ѓоковиќ. Тенискиот ас го освои УС Опен и стана апсолутен рекордер, со 24 освоени Грен-Слем турнир, а Аврамовиќ го спореди „Ноле“ со најголемиот кошаркар на сите времиња.
„Имав среќа рано во кариерата да го запознаам Новак. Тој е единствен, зрачи со позитивна енергија каде и да се појави. Секој би сакал да мине барем неколку моменти со него, затоа што е забавен, пријатен, воспитан и културен. Сите во нашата репрезентација од срце му честитавме за големиот успех.
Тој освои 24 Грен-Спем турнири, што сакате повеќе од тоа? Новак е во друштво на најголемите спортисти во историјата. За мене тој е во групата со Мајкл Џордан и Мухамед Али. Неповторлив професионалец, вистински борец и непобедлив тенисер. Ако ја задржи одличната форма, мислам дека уште две години нема да загуби ниту еден меч“, изјави Аврамовиќ.
Новак Ѓоковиќ уште еднаш ги импресионираше своите фанови со неверојатно снажната и доминантна игра на УС Опен. Српскиот ас беше втор фаворит за титулата и прелесно стигна до финалниот меч, каде со убедливи 3-0 во сетови славеше над Русинот Данил Медведев. Алекса Аврамовиќ и Новак Ѓоковиќ заедно беа присутни на свечениот пречек за српските спортисти, кои имаа неверојатен успех на Мундобаскетот и на УС Опен.