АТП воведува „коучинг“, еве ги условите во кои тренерите ќе смеат да советуваат

Асоцијацијата на тениски професионалци (АТП) од 11 јули воведува огромни реформи во „белиот спорт“. Имено, во пробен период од овој датум за првпат ќе почне да се користи „коучинг“ на мечевите. 

Тоа значи дека тренерите ќе смеат да им делат совети на играчите, што досега беше строго забрането и се казнуваше. Ова ги подели тениските фанови. Дел веруваат дека со тоа ќе се подобри квалитетот на играта, а дел дека се менува круцијален дел и се убива спортот. 

АТП одлучи во пробен период од 11 јули да дозволи „коучинг“, но тренерите ќе имаат услови под кои ќе смеат да советуваат. 

  • Условите за тренерите на натпреварите:
  1. Тренерот мора да седи на предвидено место, во „боксот“ на играчот.
  2. Комуникацијата е дозволена само во случај ако не ја прекинува играта
  3. Вербална комуникација е дозволена само кога играчот е на иста страна
  4. Невербална коомуникација е константно дозволена
  5. Тренерот не смее да разговара со играчот кога тој ќе го напушти теренот
  6. Казните остануваат на сила при прекршување на правилата

Се очекува овој тип на комуникација да се користи и на УС Опен и завршниот Мастерс во Торино, а по крајот на сезоната АТП ќе одлучи дали ќе го задржи правилото.