• Иван Димовски
Александар Зверев се најде во непријатна ситуација за време на Ролан Гарос. Имено, германскиот тенисер боледува од дијабетес, па одамна самиот си внесува дози на инсулин.
Сепак, за време на Грен слем турнирот во Париз, на Зверев не му било дозволено да го направи тоа за време на осминафиналето. Тенисерот беше приморан да земе пауза за тоалет, а и тогаш во соблекувалната била приредена непријатна ситуација.
„Ми кажаа дека морам да го напуштам теренот и дека тоа ќе се смета како пауза за тоалет. Имам само две такви, а во најдобар случај и меч со пет сетови, некогаш морам да земам четири или пет дози инсулин. Тоа значи дека не ми се дозволува нешто што е неопходно за моето здравје и живот.
Надзорникот кој дојде во соблекувалната се испаничи и почна да вика: „Не, не можете. Доктор мора да ви даде инекција“. Му кажав дека имам дијабетес од својата трета година и дека точно знам што правам, но бадијала. Ми кажаа дека тоа изгледа чудно да го правам на теренот, ама ако го прескокнам, мојот живот е во опасност. Оваа дискусија нема смисла“, прокоментира Зверев.
Според германските медиуми, ова правило ќе се смени и тенисерите кои боледуваат од дијабетес ќе можат самите да си земаат доза на инсулин, без помош на лекари или пак да користат паузи.