АТП го пролонгираше враќањето на терените, нема тенис ниту во јули

Машката тениска организација (АТП) соопшти дека професионалните турнири во овој спорт нема да се вратат порано од 31 јули. Поради пандемијата предизвикана од коронавирусот, тенисот запре во март и откажани беа бројни настани. 

Претходната суспензија ќе беше на сила до 13 јули, но организацијата реши дека истата треба да ја продолжи за речиси 20 дена со што ќе бидат одложени уште неколку турнири. 

Во тој период требаше да се играат натпреварите од пониските серии во Хамбург, Бостад, Њупорт, Лос Кабос, Гштад, Умаг, Атланта и Кицбил. Исто така уште претходно беше најавено дека за првпат по 75 години ќе биде откажано годинешното издание на престижниот Вимблдон.