Австралија опен ќе добие нова шампионка: Шарапова ја елиминира Возњацки!

Марија Шарапова во третото коло на Австралијан Опен славеше победа против актуелната шампионка, Каролин Возњацки со 2-1 (6-4, 4-6, 6-3) и првпат по 2016 година обезбеди пласман во осминафиналето на првиот Грен слем во годината.

Возњацки одлично влезе во мечот, поведе и со 4-1 во првиот сет, но Русинката возврати со серија од пет врзани гема и го доби сетот со 6-4. Во вториот сет данската тенисерка уште на стартот направи брејк, а Шарапова возврати во петтиот гем. Сепак, Возњацки го издржа притисокот од Русинката и со нов брејк успеа да го освои сетот со 4-6.

Во одлучувачкиот сет и двете тенисерки на стартот беа сигурни на свој сервис, а решавачкиот брејк Русинката го направи во седмиот гем и поведе со 4-3. До крајот Шарапова ги освои и наредните два гема и ја потврди големата победа.

Пласман во следната рунда обезбедија и Анисимова, која ќе биде следна противничка на Шарапова, а таму се и Павличенкова, Стивенс и Барти.