• Саше Љолес
Американката Аманда Анисимова после поразот во финалето на Вимблдон скромно изјави дека нејзината ривалка, Ига Швјонтек, сосема заслужено го освоила трофејот и изрази голема почит за полската тенисерка.
Анисимова немаше никакви шанси против четвртата светска тенисерка, истакнувајќи дека финалето не понудило голема борба, но не се откажува од сонот за искачување на тронот.
„Ѝ честитам од срце на Ига, таа победи сосема заслужено. За мене Швјонтек е огромна инспирација, сакам да напредувам и секогаш учам од најдобрите. Не се откажувам од сонот за тронот и највисокото место во тенисот. Ви благодарам за огромната поддршка. Ова беа две прекрасни седмици за мене, иако во финалето останав без „гориво“. Привилегија е на Вимблдон да играш за титула. Исто така сакам да кажам голема благодарност до мојата мајка. Мамо, ти направи многу повеќе за мене отколку што направив јас. Извинете за солзите, емоциите ме понесоа“, изјави Американката.
Анисимова го оствари својот најголем успех во кариерата со пласманот во финалето на Вимблдон, но немаше сили за уште едно огромно изненадување.
ФОТО/PHOTO: Wimbledon/Twitter/X




