Анета Павловска – првата Македонка на Ролан Гарос: Да им судиш на Ноле, Рафа, Стан е голема чест!

Gol.mk ексклузивно интервју

Сите знаеме дека најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа не успеа да се квалификува на главниот турнир на вториот Грен слем сезонава - Ролан Гарос. Сепак, ретко кој знае дека изминатите три седмици во Париз на овој голем настан, Македонија имаше свој претставник. 

Анета Павловска, една од најдобрите македонски тениски судии и девојка со големо искуство во оваа професија, беше дел од Отвореното првенство на Франција и ја делеше правдата на овој Грен слем. 30-годишната Македонка во последните неколку години зад себе остави учество на голем број на АТП и ВТА турнири. Судеше исто така и на Параолимписките игри во Рио, како и на квалификациите на Вимблдон минатата година, но оваа пролет нејзиниот сон се оствари, откако го доби повикот за еднинствениот Грен слем на земјена подлога, Ролан Гарос.

Поради овој нејзин голем успех нашата редакција се одлучи да направи едно интервју со Павловска, во кое таа ни открива за нејзините тениски почетоци, за успесите, за Ролан Гарос, за предизвикот, за искуството...

Gol.mk: Најпрво, честитки за големиот успех. Минатата година беше дел само од квалификациите на Вимблдон, а годинава доби повик за главниот дел на Ролан Гарос. Какво е чувството да се биде дел од овие големи турнири? И дали си првиот македонски судија кој судел на вака големи тениски настан? 

„ Да се биде дел од најголемите светски турнири , уффф...чувството е прекрасно! Од една страна е емоцијата на среќа што сум селектирана од голема група на луѓе, баш јас да бидам дел од овие турнири, а друга страна е одгорворноста да го оправдам моето присуство Сепак, во Париз уживав во секој момент и ја користев можноста за мое лично надоградување како судија. Атмосферата беше прекрасна, како на трибините, така и на терен. Енергијата која што ја носат навивачите и натпреварувачите можам да ја наречам емоција, организацијата беше на завидно ниво, едноставно навистина сум горда и среќна што имам прилика да бидам дел од овој светски настан заедно со големи имиња како што се Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ, Стан Вавринка, Едни Мареј, Анџелик Кербер и многу други. Не, не сум првиот македонски судија кој бил дел од овој турнир, но сум првата девојка“, вели Павловска. 

Gol.mk: Да се навратиме на твоите тениски почетоци. Од кога започна да се дружиш со тениското топче и што беше тоа што те натера да се одлучиш за една ваква професија, која баш и не е многу популарна во нашата земја?

„Кога си дел од семејство во кое што има голема љубов кон спортот, неизбежно е уште од најрана возраст да започнеш да бидеш дел од тој свет. Како што кажуваат фотографиите кои што ви ги доставив, тенисот е мој спот уште кога рекетот беше поголем од мене (хахаха). Најпрво започнав како натпреварувач, но со текот на животот да откријам дека моето место е на тениското игралиште , но како тениски судија. Всушност, пресуден момент беше посетата на УС Опен во 2010 година кога за првпат гледав меч на големи тениски ѕвезди, тоа беше мечот Ѓоковиќ – Федерер. Стадионот беше преполн, атмосферата е нешто што не може да се објасни со зборови, а цела таа енергија и емоција на играчите направи да посакам и јас да бидам директен учесник во креирањето на една таква приказна...Еве денес, по седум години, веќе сум таму“, изјави Анета. 

Gol.mk: Кога ја доби лиценцата за да бидеш дел од ИТФ турнирите, колку натпреварувања имаш зад себе и дали има некој што би сакала посебно да го издвоиш?

„Националната лиценца ја добив 2007 година, кога за првпат имавме Дејвис Куп натпревари во Македонија, па потоа поради дефицит на национални судии, а како поранешен натпреварувач, добив покана од МТФ да ја поминам обуката за судија. Додека ИТФ лиценцата ја добив минатата година во Франција , со што ми се отворија можностите за судење кон поголемите тениски турнири, како и судењето како главен судија. Секоја година учествувам на голем број турнири, аплицирам исто како што се прави за секоја професија и очекувам да бидам селектирана. Со текот на годините, стекнатото искуство и личната презентација на претходните турнири, дава можност сè повеќе и полесно да се биде дел на нови турнири, на различни дестинации, како и поголеми предизвици. Сите турнири се на некој начин значајни во мојата кариера и со посебен белег, но оној кој што посебно ќе го издвојам, е учеството на Параолимпијадата во Рио, минатата година. Toa e навистина едно неповторливо искуство, огромна емоција и мотивација која животот го менува“, вели  Павловска. 

Gol.mk: Дали добро се заработува од оваа професија?

„Ова е професија која нуди големи можности, особено предизвикувачка за млади луѓе. Дава шанса да се прошета светот, да се запознаеме со многу култури, остварување на нови пријателства, да ги прошириме хоризонтите и разбиеме бариерите...а се тоа е повеќе од доволно за да сум задоволна и среќна со оваа работа, многу позначајна, за мене од материјалната страна“, изјави Павловска. 

Gol.mk: Каков е патот и колку време ти требаше за да стигнеш до нивото на кое си сега?

„Тенисот е тежок спорт. Кога веќе ќе почнете да се занимавате професионално, било како натпреварувач, тренер или како судија, жртвувањето е доста големо, бара голема посветеност, надоградување, постојано патување и отсуство од дома. Како што кажав и претходно, моите први почетоци на тениското игралиште беа како натпреварувач, потоа продолжив како тренер во Акдемија Павловски за да добијам понуда за работа како тренер во Турција на две години. Со текот на годините, откривајќи се себе си, заклучив дека професијата на судија најмногу одговара за мојот темперамент и карактер, и еве веќе скоро седум години со љубов ја работам таа работа“, открива младата судијка.

Gol.mk: Каков ти е статусот во Тениската федерација на Македонија и дали си била дел од некакви турнири во нашата земја?

„Секако дека сум била дел од македонските турнири, но за жал Македонија не е земја која што може да се пофали со голем број на тениски турнири, а воедно и моето големо професионално отсуство од државата, на некој начин ме спречува да бидам дел од и така малиот број на македонски турнири“.

Gol.mk: Си им судела на Ѓоковиќ, Мареј, Кербер, Надал, Федерер... Какво е чувството во моментите кога мораш да реагираш брзо и да досудиш поен или аут за некој од овие тениски великани? 

 „Кога си на терен и веќе започнуваш со голема концентрација да ја вршиш својата работа, на некој начин се исклучуваш од целата таа атмосфера и еуфорија на присуството на големите тениски ѕвезди. Едноставно си насочен кон својата работа и одговорноста професионално да одговориш на барањата, не дава простор да размислуваш кој е на теренот“, истакна Анета. 

Gol.mk: Покрај оваа професија ти си член и на тениската академија Павловски од Битола. Која е твојата улога во оваа академија и дали Македонија ги има потребните услови што ги бара еден професионален тенисер?

„Да, кога не патувам и сум дома, повторно времето го користам за тенисот. ТК Битола - Академија Павловски е тениски клуб кој постои 39 години и e место каде што се моите први почетоци, каде како прв тренер и се разбира, моја најголема инспирација, го имам мојот татко. Денес сум дел од тимот на академија Павловски како тениски тренер на деца од 4 до 12 години и на „возрасни деца“ кои едноставно сакаат да спортуваат. Ние како единствен клуб во Битола, постојано работиме на подобрување на условите на терените, но главен проблем ни е поставеноста на системот кон спортот генерално и условите за работа на клубовите особено во зимски услови, бидејќи еден професионален тенисер мора да тренира 12 месеци, но за жал во Битола немаме затворен терен“, вели Павловска. 

Gol.mk: Последнава година тениската јавност во Македонија е одушевена од успесите на Лина Ѓорческа. Дали веруваш дека покрај тебе во својство на судија на некој нареден Грен слем ќе можеме да ја видите токму Лина?

„Лина е прекрасна млада девојка, која што неуморно вложува во себе и во својата тениска кариера. Тенисерка со голем потенцијал, за која што искрено верувам дека јавноста ќе слушна многу повеќе во блиска иднина“, заврши Павловска.

Исто така, Анета ни откри дека оваа година, поточно за еден месец ќе биде дел и од главниот турнир на неофицијалното Светско првенство во тенис, Вимблдон.