• Иван Димовски
Карлос Алкараз се врати на водечката позиција на АТП ранг-листата, симнувајќи го Јаник Синер повторно на второто место. Шпанецот сега е лидер со 11.050 поени, односно 1.050 повеќе од второпласираниот Синер. Ова е важно за Алкараз бидејќи на завршниот Мастерс во Торино ќе му бидат потребни три победи и ќе си го осигура првото место на крајот од годината.
Зад водечката двојка останува Александар Зверев, ама веднаш зад него сега е Новак Ѓоковиќ. Србинот го освои турнирот во Атина со победата во финалето над Лоренцо Мусети, а со тоа скокна една позиција и има минимално заостанување зад Зверев.
На петтата позиција се проби Бен Шелтон, откако две места падна Тејлор Фриц. Во топ десет се уште Алекс Де Минер, Феликс Оже-Алијасим, Лоренцо Мусети и најново име е Џек Дрејпер.

