Алкараз се повреди и загуби ритам, Ѓоковиќ ќе игра за трофејот на РГ

Спектакуларното полуфинале на Ролан Гарос заврши со победа на Новак Ѓоковиќ над Карлос Алкараз со 3-1 (6-4, 5-7, 6-1, 6-1). По два неверојатни сета надигрување на тениските великани, шпанскиот ас се повреди и мечот го доигра резервирано, па Србинот релативно лесно ги освои третиот и четвртиот сет. Ѓоковиќ ќе се бори за трофејот во Париз, со што може да се одлепи пред Надал на „вечната листа“. 

Тенисот на стартот на „Филип Шартрие“ беше вистински спектакл. Убави потези, елегантни движења и многу борба за секој поен. Првиот сет го одлучи единствениот брејк во четвртиот гем, кога по израмнето надигрување Ѓоковиќ успеа да поведе со 1-3. Алкараз беше близу да му врати на ривалот во иста мера, ама откако не успеа, Србинот ја искористи втората сет топка и со 6-3 дојде до предност. 

Вториот сет беше всушност и најдолг, се играше час и 12 минути. Двајцата тенисери сервираа сигурно, ги бранеа своите сервиси и не дозволуваа изненадување на стартот. Новак прв загуби сервис, кога Алкараз поведе со 5-3, меѓутоа веднаш во следниот гем го врати брејкот. Шпанецот испушти три сет-топки на противнички сервис во десеттиот гем, за потоа да избегне тај-брејк и со 7-5 да израмни. 

Токму кога се очекуваше спектаклот да продолжи и да се игра маратонски меч, дојде до проблеми. Алкараз при една вратена топка истегна мускул во листот на десната нога. Болките му беа огромни, па за да добие медицински тајм-аут дури предаде гем на свој сервис. Оттогаш шпанскиот ас беше како на игли, играше со половина сила и резервирано. Болките го надвладеаја, а Ѓоковиќ тоа апсолутно го искористи. Третиот сет српскиот тенисер го доби со 6-1. Во продолжението, Алкараз малку ги надмина болките и почна повеќе да се движи, ама беше далеку од својот најдобар ритам, па Ѓоковиќ рутински одново со 6-1 дојде до победата со 3-1 во сетови. 

Новак Ѓоковиќ ќе го игра своето рекордно 34 финале на Грен слем турнирите. Тој во Париз ќе го брка третиот трофеј во седмиот обид, а со евентуален трофеј ќе дојде до бројката од 23 и ќе се одлепи пред Рафаел Надал на „вечната листа“.