Алкараз: Не се повредив поради тоа што Новак отиде во тоалет

Карлос Алкараз одигра фантастично на Ролан Гарос, но сè до повредата во полуфиналето против Новак Ѓоковиќ.

Поточно, младиот Шпанец не можеше да го издржи силниот интензитет на мечот кој го наметна Ѓоковиќ, па на почетокот од третиот сет почна да чувствува грчеви и во рацете и во нозете, што на крајот го реши овој меч. По дуелот Алкараз се појави на прес-конференцијата и објасни што всушност се случило.

„Второто чувство беше многу интензивно, прво почна да ме боли дел од ногата, а потоа и целата нога. Мислев дека имам шанса, но целото тело почна да ми откажува и тоа беше тоа.

Од вакви мечеви треба да се учи, научив лекција, за да не ми се повтори ова. Тоа е нешто со кое треба да се соочам, сега имам повеќе искуство“, рече Алкараз.

На тема искуство, Алкараз беше прашан и за одењето на Новак во тоалет по вториот сет, дали тогаш му се „оладиле“ мускулите и дали тоа можеби имало влијание врз повредата.

„Тој бил многупати во таква ситуација, многу повеќе од мене. Тој знае како да се справи со овие ситуации. Не можам да кажам дека поради тоа се повредив, тој сигурно имаше причина да оди во тоалет и нема да кажам ништо повеќе за таа ситуација'', изјави Алкараз.

Со оваа победа Ѓоковиќ му се реваншира на младиот шпански ас за ланскиот пораз во Мадрид. Во големото финале во Париз противник на српскиот тенисер ќе биде подобриот од второто полуфинале меѓу Зверев и Руд.