Алкараз: Не мислам на рекорди, туку само на успех на најубавиот турнир!

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз се пласираше во уште едно финале на Вимблдон, трето во низа, откако славеше над Американецот Тејлор Фриц со 3-1 во сетови. 

Петкратниот Грен-Слем шампион по натпреварот изјави дека Вимблдон секогаш му дава огромна мотивација и рече дека не го интересираат никакви рекорди, туку едноставно се фокусира на добри партии во „Ол Ингланд Клубот“. 

„Сакам да му честитам на Тејлор за одличната партија. Знаев дека ќе биде тешко, тој е секогаш мотивиран и постојано напредува. Што се однесува до мене, не мислам на никакви рекорди или победнички низи. 

Сакам само да одиграм најдобро што можам на овие прекрасни терени и овој неверојатен тениски клуб. Вимблдон е најубавиот турнир на светот. Сакам да сум успешен на сите турнири, но тука мотивацијата е посебно висока“, рече Шпанецот. 

Алкараз во големото финале ќе се соочи со подобриот од второто полуфинале, каде се среќаваат Италијанецот Јаник Синер и Србинот Новак Ѓоковиќ.  

ФОТО/PHOTO: Wimbledon/Twitter/X