• Саше Љолес
Поранешниот трофеен тенисер, а сега аналитичар, Матс Виландер, даде интересна изјава поврзана со освојувачот на Вимблдон, Карлос Алкараз, во која вели дека младиот Шпанец мора да биде многу внимателен и да не дозволи „да се изгори“ во блиска иднина.
Виландер имаше само пофални зборови за Алкараз, но предупредува дека неговата младост може да биде проблем ако не ги насочи своите приоритети во вистинскиот правец.
„Карлос е трет најмлад играч со четири освоени Грен-Слем турнири. Верувајте ми, јас исто имав три трофеји на негова возраст и точно знам што зборувам. Младоста дава голем елан, мислите дека сте непобедливи. Во тие моменти многу лесно може да заработите незгодна повреда која ќе ве оддалечи од терените.
Тоа ми се случи на мене, но и на славниот Бјорн Борг. Двајцата за малку ќе ги прекиневме кариерите пред да наполниме 25 години. Тоа ќе беше вистинска трагедија. Мојот совет за Алкараз е да внимава и да не се „изгори“ во желбата за докажување. Неговиот талент е неспорен, но не би сакал да го видам во пензија на рана возраст“, рече Виландер.
Карлос Алкараз вторпат во низа го совлада Новак Ѓоковиќ во вимблдонското финале и се закити со четвртиот трофеј од најпрестижните турнири во светот. Шпанецот дефинитивно се наметнува како една од најголемите тениски ѕвезди, заедно со Италијанецот Јаник Синер.