• Мартин Танасковски
Шпанскиот ас Карлос Алкараз продолжува со одличните настапи на УС Опен и обезбеди место во четвртфиналето, откако во осминафиналето го совлада Американецот Томи Пол со 3-0 во сетови (6-4, 6-3, 6-4).
Шпанскиот тенисер до победата стигна по два часа и 17 минути игра, со што ја продолжи победничката серија во Њујорк. Иако пред почетокот на турнирот четири и пол месеци беше надвор од терените поради повреда на зглобот, Алкараз изгледа сè посигурно и досега загуби само еден сет на патот до четвртфиналето.
Пол пружи солиден отпор и имаше свои моменти во текот на мечот, но не успеа сериозно да го загрози третиот тенисер на светот. Најголемата шанса ја имаше во завршницата на третиот сет, кога Алкараз сервираше за победа при водство од 5-4.
Американецот стигна до две брејк-топки и поведе со 15-40, но Шпанецот покажа шампионски карактер, освои четири поени во низа и го приведе мечот кон крај за пласман меѓу најдобрите осум.
Во четвртфиналето Алкараз ќе игра против победникот од дуелот меѓу Стефанос Циципас и Бен Шелтон.



