Алкараз и Швјонтек носители на Ролан Гарос, ждрепката во четврток

Вториот сезонски Грен слем турнир е пред самиот старт. Веќе се играат квалификациите за пополнување на неколкуте места, а ждрепката е на програмата веќе в четврток. 

Прв носител кај мажите е Карлос Алкараз. Младиот Шпанец успеа да го надмине Новак Ѓоковиќ на челната позиција на АТП рангирањето оваа седмица, па како прв светски рекет ќе го дочека турнирот во Париз. Данил Медведев со освојувањето на трофејот во Рим го прескокна Србинот, па сега тој е втор носител и со Алкараз може да игра само во финале. Ѓоковиќ пак како трет ќе се падне или на страната на Алкараз или на Медведев и може да се судрат во евентуално полуфинале.

Зад нив следуваат Каспер Руд, Стефанос Циципас, Холгер Руне, Андреј Рубљев, Јаник Синер, Тејлор Фриц и Феликс Оже-Алијасим. За жал, годинава Ролан Гарос ќе мине без најтрофејниот Рафаел Надал.

Во женскиот дел од турнирот носителка е Ига Швјонтек. На втората позиција е Арина Сабаленка, па следат Пегула, Рибакина, Гарсија, Гоф, Џабер, Сакари, Касаткина и Квитова. 

Ждрепката е на програмата в четврток во терминод од 14:00 часот. Официјалниот старт на турнирот е на 28 мај, додека турнирите се затвораат со машкото финале на 11 јуни.