Алкараз: Горд сум на пресвртот и победата, одигравме меч за историја!

Карлос Алкараз во драматичен меч и со голем пресврт го одбрани трофејот на Ролан Гарос, откако успеа со конечни 3-2 во сетови да го совлада Италијанецот Јаник Синер во тенискиот петиполчасовен маратон во Париз. 

Шпанскиот ас успеа да спаси три меч-топки на ривалот и на чудесен начин го сврте мечот во своја полза, нешто што призна дека го исполнува и го прави неизмерно горд. 

„Ова беше неверојатен меч, исполнет со лоши и прекрасни моменти за мене. Не беше лесно, но горд сум на тоа како успеав да се вратам во моментот кога Синер беше пред победата. Морав да верувам во себе и да не се откажувам. 

На почетокот чувствував дека сите нешта одат во негова полза и дека е безгрешен, но тоа подоцна се смени. Морав да се борам со сите сили за да покажам дека заслужено сум во финалето. Публиката ми даде огромна поддршка, а особено сум благодарен на моите фанови кои ме бодреа во текот на целиот натпревар. 

Овие мечеви се за историја и ќе се паметат долго, а луѓето со право ќе зборуваат за ова финале. Мислам дека јас и Јаник одигравме натпревар кој ќе им даде на фановите тема за разговор во следните години“, рече Алкараз. 

Шпанецот Алкараз го освои својот петти Грен-Слем во кариерата, а сега ќе се подготвува за уште еден успешен настап на неофицијалното светско првенство - англискиот Вимблдон.  

ФОТО/PHOTO: Roland Garros/Twitter/X