• Мартин Танасковски
Најтрофејниот светски тенисер Новак Ѓоковиќ ќе настапи како четврти носител на претстојниот Австралијан опен во Мелбурн, соопштија организаторите на турнирот преку официјалниот веб-сајт.
Прв носител во машкиот сингл ќе биде Карлос Алкарас од Шпанија, додека зад него се Јаник Синер од Италија како втор и Александар Зверев од Германија како трет носител. Ѓоковиќ, кој е рекордер по број на титули на овој Грен слем, ќе се обиде повторно да стигне до врвот од нешто пониска стартна позиција.
Во женска конкуренција, Арина Сабаленка од Белорусија ќе ја има улогата на прва носителка, а веднаш зад неа се Ига Швјонтек од Полска и Коко Гоф од САД, што најавува исклучително силна и неизвесна борба за трофејот.
Ждрепката за првото Грен слем натпреварување во сезоната ќе се одржи утре во Мелбурн. Австралијан опен 2026 ќе се игра во периодот од 18 јануари до 1 февруари.

