• Горан Упале
Карлос Алкараз ја доби драмата со Јаник Синер и за првпат во својата кариера ќе игра финале на Ролан Гарос. Младиот шпански ас двапати беше во негатива, но одигра фантастични последни два сета и со 3-2 го совлада големиот ривал (2-6, 6-3, 3-6, 6-4 и 6-4)
Дуелот кој беше окарактеризиран како „финале пред финалето“ во целост ги оправда очекувањата на неутралните фанови на тениската игра. Поранешниот и идниот тенисер број еден на светот одиграа меч за паметење пред полните трибини на „Филип Шатрие“, кој траеше повеќе од четири часа, а на крај на победа се радуваше шпанскиот ас.
Полуфиналето започна со одлична игра на Синер и водство од 1-0 во сетови. На Алкараз му требаше повеќе време за да влезе во посакуваниот ритам и по двата освоени гема во првиот сет (6-2), во вториот заигра поквалитетно и израмни на 1-1 (6-3). Следуваше нов удар на Синер и ново водство во сетови (6-3), но 21-годишниот Шпанец одново покажа моќ на земјената подлога во Париз и конечно врза два сета за историска победа и прво финале на Ролан Гарос во кариерата (6-4, 6-4).
Противник на Алкараз во мечот за титулата ќе биде победникот од вториот полуфинален дуел кој се игра денес, меѓу Каспер Руд и Александар Зверев.