• Зоран Мишевски
Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз е нов најдобар играч во светот, откако го освои Отвореното првенство на Соединетите Американски Држави по пауза од три години, триумфирајќи во финалето во Њујорк против бранителот на титулата Јаник Синер со 3-1 во сетови (6-2, 3-6, 6-1, 6-4) во меч што траеше 160 минути игра.
Дуелот помеѓу двајцата најдобри тенисери на денешницата беше повторно антологиски. Воведниот гем од спектакуларниот дуел во Њујорк веќе укажуваше дека ќе гледаме врвен тенис. Се чинеше дека водството на Синер од 30-0 ќе биде доволно за рутински да го земе гемот, но Алкараз „се запали“ и со три поени по ред стигна до брејк-тропка. Не ја искористи првата, што му овозможи на Синер да ја врати самодовербата, но упорниот Алкараз ја искористи втората брејк-шанса и веќе на почетокот од финалето стигна до предност. Следните гемови рутински беа решени на сервис на финалистите, а во седмиот гем Алкараз повторно го „почувствува“ Синер и го отвори патот до освојување на првиот сет со втор брејк.
Вториот сет можеше да започне како првиот, бидејќи шпанскиот тенисер веќе имаше брејк-топка во почетниот гем. Сепак, Синер успеа да се консолидира и да го реши гемот во кој сервираше во своја корист. Како што одминуваше вториот сет, играта на Синер изгледаше сè посигурна и во четвртиот гем стигна до три брејк-шанси и веќе ја искористи првата, отворајќи го патот до нерешен резултат во сетови.
Се чинеше дека ваквиот тек на мечот ќе му даде дополнителна сила на Италијанецот целосно да го сврти резултатот, но Синер наиде на силна реакција од Алкараз, кој моќно го доби третиот сет и поведе со 2-1. Само половина час игра беше доволно Шпанецот да ја врати предноста во сетови, дозволувајќи му на Синер да земе само еден гем во овој дел од играта.
Фактот дека Шпанецот ја имаше целосната контрола врз мечот веќе беше видлив во четвртиот сет, бидејќи имаше две брејк-топки кои Синер ги спаси, додека Алкараз беше многу полесен за справување кога го имаше сервисот на своја страна. Во петтиот гем, Алкараз имаше брејк-топка по двојна грешка на сервисот на Синер и ја искористи. Шпанецот поведе со 3-2 и беше на добар пат кон победата. Се покажа дека ова беше доволно за јубилејниот десетти триумф над Синер и преземањето на врвот на АТП листата.
ФОТО/PHOTO: US Open



