Алкараз брка „три од три“, Зверев од втор обид сонува прв Грен слем трофеј

Вториот сезонски Грен слем турнир дојде до самиот крај, а попладнево се води битката за трофејот на Ролан Гарос. Во терминот од 14:30 часот на „Филип Шатрие“ ќе се судрат Карлос Алкараз и Александар Зверев во финалето на најпрестижниот француски турнир. 

Букмејкерите целосната доверба ја полагаат на младиот Шпанец. Алкараз има шанса да ја освои третата Грен слем титула во третиот обид. Досега шпанскиот тенисер ги освои УС Опен во 2022 година каде што за ривал во финалето го имаше Каспер Руд, како и Вимблдон минатата година во мечот за трофеј против Новак Ѓоковиќ. Сега Алкараз има шанса за „три од три“ во финалињата на големите тениски турнири, меѓутоа нема да има лесна задача. 

Можеби тенисер кој е во најдобра форма (барем според резултатите во последните месеци), Александар Зверев има свои амбиции и математики. Германскиот тенисер вторпат ќе игра финале на Грен слем турнир, прв по 2020 година и УС Опен, финале кое го загуби од Доминик Тием по огромна борба. Оттогаш имаше сериозни проблеми со повреди, меѓутоа сега Зверев се врати на најголемата сцена и повторно блеска. Последниот пораз Германецот го имаше на 30 април во Мадрид, а потоа го освои Мастерсот во Рим и сега дотурка далеку на Ролан Гарос сонувајќи прв голем трофеј. 

Ова ќе биде десетти меѓусебен дуел на Алкараз и Зверев, а германскиот ас има победа повеќе (4-5). Последниот меч го имаа на Индијан Велс и таму Алкараз победи убедливо со 2-0 (6-3, 6-1).