ФОТО: Сатја Грабулоски дизајнираше специјални патики за Новак Ѓоковиќ!

Сатја Грабулоски, еден од најистакнатите македонски дизајнери и основач на креативното студио Swithadot Studios, се појави во вчерашното издание на Forbes Magazine, станувајќи еден од малкуте Македонци кои имале чест да дадат интервју за ова светски реномирано списание.

Во интервјуто, направено од Тим Њукомб, Грабулоски зборува за својот креативен пат, глобалното влијание на неговите дизајни и посветеноста на студиото Swithadot кон развој на уникатен израз што ги обединува уметноста, технологијата, модата и идентитетот.

„Покана за интервју од американската редакција на Forbes не се случува секој ден, па ми беше задоволство што, покрај личната работа, акцент се стави на фактот дека Македонија е земја на светски успешни приказни“, вели Грабулоски за интервјуто во светски реномираниот магазин.

Особено внимание предизвикаа специјално дизајнираните патики за тениската легенда Новак Ѓоковиќ, за кого Грабулоски креираше ексклузивен пар патики, инспирирани од неговата татковина, статусот на G.О.А.Т и неговата хуманитарна работа, а кои, според неговите зборови, се симбиоза на љубов кон татковината, но и стремеж кон успех и да се биде најдобар во својата работа.

„Новак е инспирација за целиот свет, а посебно како мега успешна приказна што излегла од Балканот. Драго ми е што патиките му беа предадени пред полуфиналето на Вимблдон. Тие се дел од мојата лична цел, да направам по еден дизајн за петте најдобри спортисти на сите времиња, во петте мои омилени спортови. Леброн Џејмс, Кристијано Роналдо и Новак Ѓоковиќ се сработени, остануваат уште Том Брејди и Тајгер Вудс“, додава Сатја.

Во минатото Сатја има дизајнирано патики и копачки за многу македонски спортисти, како и за НБА легендите Шекил О’Нил и Чарлс Баркли.