Рудигер е голем човек: Помогна на луѓето од земјата на својата мајка

Германскиот репрезентативец и стопер на Реал Мадрид, Антонио Рудигер, уште еднаш ја искористи сезонската пауза за да покаже дека е голем не само на теренот, туку и надвор од него. Дел од својот одмор го помина во Сиера Леоне, земјата од која потекнува неговата мајка, каде што ја посети хуманитарната фондација што самиот ја основа со цел да им помогне на најзагрозените категории на населението.

Ова беше третата посета на Рудигер на Сиера Леоне, а фокусот и овојпат беше ставен на директна помош и личен контакт со луѓето на кои тоа најмногу им е потребно. Еден од најемотивните моменти за време на престојот беше големата хуманитарна акција наменета за лица со инвалидитет.

Рудигер организираше заеднички оброк за повеќе од 200 лица, меѓу кои слепи, глуви и лица со телесен инвалидитет. Освен што обезбеди храна и основни животни потреби, тој одвои време и лично да разговара со присутните, покажувајќи почит, внимание и поддршка. Во рамки на посетата, тој се сретна и со спортисти со инвалидитет, охрабрувајќи ги да продолжат да се борат и да веруваат во своите можности.

Ова не е првпат дефанзивецот на „кралевите“ да помогне во Сиера Леоне. Пред четири години, преку својата фондација, тој целосно ги финансираше операциите на 11 деца кои поради здравствени проблеми не можеа да одат без помош на патерици.