Погледнете кои спортисти се најплатени во светот за изминатата година!

Спортот одамна ја надмина рамката на чиста натпреварувачка дисциплина и прерасна во сериозен глобален бизнис, што најдобро го потврдува и најновата листа на магазинот „Спортико“ за најплатени поединци во светот за 2025 година.

На самиот врв, без изненадување, се наоѓа Кристијано Роналдо. Португалската фудбалска икона во изминатата година инкасирала неверојатни 260 милиони американски долари, комбинирајќи ги примањата од фудбалските договори и бројните комерцијални активности, со што уште еднаш ја потврди својата статусна позиција како највреден бренд во светот на спортот.

Кошарката, пак, има силно присуство меѓу првите десет. Леброн Џејмс се наоѓа високо на листата со приходи од 128,7 милиони долари, зад него е Стеф Кари со 105,4 милиони, додека Кевин Дурент ја заокружува елитата со 100,8 милиони долари. Сите тројца, покрај богатите НБА договори, значителен дел од заработката ја должат и на спонзорствата и инвестициите надвор од теренот.

Свој простор меѓу најплатените избори и српската кошаркарска ѕвезда Никола Јокиќ, кој ја зазема 29. позиција на листата со вкупен приход од околу 60 милиони долари. Според „Спортико“, најголемиот дел од сумата – 51,2 милиони – доаѓа од неговиот договор со Денвер Нагетс, додека остатокот е остварен преку спонзорски договори и маркетиншки активности. Интересно е што листата е доминирана од кошаркари. Покрај веќе споменатите, високо се позиционирани и Јанис Адетокумбо со 94,3 милиони долари, Ентони Едвардс со 62,2, Џоел Ембид со 61 и Џејсон Тејтум со 60,4 милиони долари годишна заработка.

Силно присуство имаат и асовите од Формула 1, предводени од Луис Хамилтон со 100 милиони долари, Макс Ферстапен со 83 и Ландо Норис со 59 милиони. Фудбалот, пак, останува константа меѓу најпрофитабилните спортови, со Лионел Меси (130 милиони), Килијан Мбапе (95), Ерлинг Халанд (77,9) и Нејмар (60) како дел од елитното друштво.

Оваа листа уште еднаш покажува дека врвниот спорт денес не е само прашање на резултати и трофеи, туку и на глобален маркетинг, препознатливост и способност да се изгради личен бренд со планетарна вредност.