• Мартин Танасковски
Килијан Мбапе, француската фудбалска сензација која уште како тинејџер го освои светот, повторно е тема на интерес во шпанските медиуми, но овојпат не поради неговите голови или настапи на теренот. Имено, новата ѕвезда на Реал Мадрид доби луксузен автомобил „BMW i7“, специјално изработен и персонализиран за него, иако нема возачка дозвола.
Како дел од традиционалното партнерство помеѓу Реал Мадрид и германскиот автомобилски бренд, секоја сезона играчите и стручниот штаб имаат можност да изберат нов автомобил според својот вкус и да го прилагодат со детали како што се боја, ентериер и дури и регистарски таблички со нивните имиња.
Мбапе, кој минатото лето пристигна во Мадрид по трансферот од Пари Сен Жермен, се одлучи за најсовремениот електричен модел „BMW i7“, со ентериер дизајниран исклучиво за неговите потреби. Сепак, куриозитетот во целата приказна е што францускиот напаѓач никогаш не полагал за возачка дозвола, па така неговото ново возило нема да го вози самиот.
Според шпанските медиуми, автомобилот најверојатно ќе остане паркиран во тренинг-центарот на клубот или ќе биде управуван од неговиот личен возач. Мбапе одамна јавно изјави дека никогаш не чувствувал потреба да има возачка дозвола. Дури и во времето кога беше дел од Пари Сен Жермен, клубот му понудил помош за добивање возачка дозвола, но Мбапе одбил, истакнувајќи дека со личен возач и со животен ритам каков што има, дозволата едноставно не му е потребна.