Мане не сака публицитет: На тивок начин изгради училиште, а планира и болница во родниот град

Садио Мане

Сенегалскиот напаѓач Садио Мане е роден во малото гратче Седиу кое не го заборави откако се прослави на фудбалските терени.

Во ноември минатата година тој потпиша петгодишен договор со Ливерпул за неделна плата од 150.000 фунти. Дел од средствата вложил во местото каде што се родил и се погрижил децата да имаат достоен објект за образование.

26-годишникот изградил училиште во вредност од 200.000 фунти, а за брзо време планира да го подобри здравството со нова болница. За сите овие постапки тој не сака публицитет и сака на тивок начин да им помага на своите сограѓани.

„Најубавата работа на која што се сеќавате е родното место. Нив им е потребна помош, а јас можам и сакам да го направам тоа. Но, ве молам не го ставајте ова во интервјуто. Не сакам публицитет“, биле зборовите на Сенегалецот во разговор со новинар од англиски „Телеграф“ пред 12 месеци.

Сепак, новинарот го прекршил ветувањето и ја раскажал оваа средба со познатиот фудбалер, кој доби позитивни коментари за своите постапки, иако истите не сакал да ги открие на пошироката јавност.

Моментално, Мане со „црвените“ се бори за титулата во Премиер лигата, а се шпекулира дека налето би можел да замине во Реал Мадрид. Зинедин Зидан, тренерот на „кралевите“, бил заљубен во него и неговата игра.