Манчестер Јунајтед ќе ја тужи култната видео игра „Football manager“

Англискиот фудбалски великан, кој не ги бележи најдобрите денови како во минатото, Манчестер Јунајтед реши да ја тужи компанијата која ја создаде култната видео игра „Football manager“. 

Според пишувањата на медиумите од Англија, челните лица на клубот веќе ангажирале адвокат кој ќе ја води парницата против компанијата „Спортс Интерактив“. Тие не се задоволни поради фактот што на видео играта не се користи оригиналното лого на Јунајтед, туку поедноставена црвено-бела верзија. 

„Од лиценцирањето на грбот и името на клубот се бележат значајни приходи, а тоа што не се користи вистинскиот грб во видео играта во превод значи погрешно користење на клупското име, што е незаконско“, изјави адвокатот, Симон Малиниц.

Од друга страна, примачот на тужбата „Спортс Интерактив“ останува на својот став дека сè е извршено по правилата и прописите. Тие се бранат со фактот дека овој проблем не бил истакнат ниту еднаш во минатите 28 години, колку што постои играта, а тој одеднаш им стана проблем на „ѓаволите“.