• Мартин Танасковски
Хрватскиот фудбалер и играч за врска на Милан, Лука Модриќ, откри интересен детал од својот живот, признавајќи дека доколку не станел професионален фудбалер, најверојатно ќе работел како келнер. Четириесетгодишниот ветеран, кој изгради блескава кариера и се прослави во дресот на Реал Мадрид со освојување бројни трофеи, истакна дека отсекогаш ја ценел нормалноста и едноставниот живот.
Модриќ, кој играше и за Динамо Загреб и Тотенхем, а од минатото лето е дел од „росонерите“, нагласи дека никогаш не се чувствувал посебен или над другите. Според него, најважни се нормалното семејство, мирниот живот и малите секојдневни работи, а низ целата кариера не си дозволил да помисли дека е повеќе вреден од другите луѓе.
Во интервју за „Кориере дела Сера“, хрватскиот ас откри дека се школувал во угостителско училиште и дека како млад имал пракса во ресторан во Задар, каде што се одржувале свадбени прослави. Таму служел пијалаци, што, како што вели, не било лесно, особено ако се земе предвид колку многу се пие на хрватските свадби.
Единственото нешто што навистина не му се допаѓало, признал Модриќ, било миењето садови.
