Ликот и делото на големиот Дарко Панчев добиваат и игран филм

Животната приказна на македонската фудбалска икона Дарко Панчев наскоро ќе добие филмска екранизација. Станува збор за игран филм кој ќе ги опфати најзначајните моменти од неговата кариера, но и личните борби, падови и триумфи кои го формираа човекот зад славата. Наместо класична спортска биографија, филмот ќе претстави емоционално набиена приказна што има за цел да ја допре пошироката публика, вклучително и оние што не се посебни љубители на фудбалот.

Ексклузивни информации до кои дојде „МИА“ откриваат дека режисер на овој амбициозен проект ќе биде Зоран Петровски – македонски филмски автор кој последниве две децении живее и работи во Бугарија. Петровски зад себе има богато искуство со високобуџетни играни серии, рекламни кампањи и меѓународни продукции. Филмот за Панчев ќе биде негово режисерско деби во играната форма, проект за кој тој вели дека го мотивира како ништо досега – да ја раскаже на Европа и светот инспиративната приказна за нашата најголема фудбалска легенда.

Сценариото ќе го пишува Ѓорѓе Милиќевиќ, сценарист од српско потекло кој повеќе од 60 години живее и работи во Њујорк и Лос Анџелес. Неговото име не е непознато во светот на спортските филмови – тој е еден од сценаристите на „Бегство кон Победа“ од 1981 година, во кој настапија Силвестер Сталоне, Мајкл Кејн, Макс фон Сидоф и легендарниот Пеле.

Проектот за филмот за Дарко Панчев не само што ќе го раскаже патот на „Кобрата“ од Скопје до врвот на европскиот фудбал со Црвена звезда и Златната копачка, туку и ќе понуди поглед во човекот зад славата – соништата, жртвите и цената на успехот. Филмот ќе се снима на локации во Македонија, Србија и Италија