• Саше Љолес
Името на поранешниот фудбалски ас, Франк Рибери, се појави во новообјавените документи поврзани со случајот на американскиот сексуален престапник Џефри Епстин. Во обемната документација, која вклучува милиони страници со мејлови, фотографии и записи, Рибери е споменат во контекст што на социјалните мрежи и во дел од медиумите предизвика шпекулации околу наводни врски со аферата.
Рибери, кој ја има зад себе блескава кариера во европскиот фудбал и бројни трофеи со Баерн Минхен, остро реагираше на сите тврдења. Преку своите правни застапници, тој ги отфрли наводите за било каква комуникација со Епстин и појасни дека тие информации се невистинити и штетни за неговиот углед.
Тимот на Рибери најави правни чекори и тужби против оние што шират лажни информации, нагласувајќи дека споменувањето на неговото име во документите не значи дека постои доказ за каква било вмешаност или правни последици за него.