• Мартин Танасковски
Натпреварувачкиот комбинезон на холандската лизгачка Јута Лердам во кој таа го освои златниот медал на Зимските олимписки игри е продаден за извонредна сума на хуманитарна аукција.
Впечатливиот, светло портокалов тркачки костим на 27-годишната Холанѓанка достигна цена од дури 228 илјади американски долари, надминувајќи ја сумата платена за копачките на Кристијано Роналдо кои неодамна беа понудени и продадени на истата платформа. Овој податок дополнително ја нагласува симболичната и колекционерска вредност што ја има олимписката опрема поврзана со историски спортски достигнувања.
Лердам го носеше токму овој комбинезон кога триумфираше во трката на 1.000 метри во Милано во февруари, освојувајќи го најсјајното одличје. Само шест дена подоцна, истото одело ѝ донесе и сребрен медал на патеката од 500 метри, што дополнително ја зголеми неговата вредност и престиж. Во меѓувреме, нејзината популарност во јавноста е зголемена и поради врската со познатиот јутјубер и боксер Џејк Пол, со кого е свршена.
Иако на почетокот не изгледаше дека комбинезонот ќе достигне толку висока цена, интересот нагло порасна во завршницата на наддавањето. Аукцијата беше организирана со хуманитарна цел, а драматичниот финиш донесе вистинска наддавачка пресметка меѓу двајца заинтересирани купувачи.