• Мартин Танасковски
Холандската суперѕвезда во брзото лизгање Јута Лердам (27) пристигна на Зимските олимписки игри во Милано и успеа да привлече огромно внимание уште пред почетокот на натпреварите.
Лердам важи за една од најголемите ѕвезди на денешниот зимски спорт. Таа е повеќекратна светска и европска шампионка, а во својата богата колекција има и олимписки сребрен медал на 1000 метри од Игрите во Пекинг 2022. Со својата спортска доминација, но и со харизмата надвор од ледената патека, Холанѓанката одамна го надмина статусот на „обична“ спортистка.
Нејзината популарност најдобро се отсликува на социјалните мрежи. На Инстаграм ја следат околу пет милиони луѓе, што е дури три милиони повеќе во споредба со бројот на следбеници што ги имаше за време на претходните Олимписки игри. Преку фотографии и видеа од тренинзите, натпреварите, но и од приватниот живот, Лердам редовно е во фокусот на јавноста.
Дополнителен интерес кај медиумите буди и нејзиниот приватен живот, бидејќи Јута е свршеница на Џејк Пол, интернет сензација која во меѓувреме изгради кариера и како боксер. Нивната врска често е тема на светските таблоиди, што уште повеќе ја зголемува нејзината глобална препознатливост.