Еден од најлегендарните НБА-играчи ќе носи ремек-дело од Македонец! (ФОТО)

Уште една светска ѕвезда доби патики изработени од македонскиот уметник Сатја Грабулоски. Ален Ајверсон, можеби најголемата НБА-ѕвезда која кариерата ја заврши без освоена титула, ќе носи патики нацртани од Македонија.

Специјално дизајнираните „Рибок - The Question“ патики за Ајверсон се инспирирани од сите негови успеси во кошаркарската кариера, почнувајќи од ноќта кога бил драфтуван во НБА-лигата, па потоа настапите на „ол-стар“ мечевите, култните реклами за „Рибок“, тетоважата „само најсилните преживуваат“, натпреварите со Коби Брајант и на крајот златниот ланец – нешто кој тој го воведе во најсилната кошаркарска лига во светот.

Кошаркарот кој скоро до совршенство го изгради „кросовер“ дриблингот во НБА лигата во пензија замина во 2013 година. Дотогаш одигра 16 сезони, а на 914 натпревари оствари просек од 26,7 поени, 6,2 асистенции, 3,57 скока и 2,2 украдени топки.

Ален Ајверсон најдобрата сезона во НБА лигата ја одигра во 2001 година кога со Филаделфија беше поразен од Лејкерси во големото финале, а беше прогласен за Најкорисниот кошаркар на лигата (МВП).