• Мартин Танасковски
Неколку месеци по раскинот со Паула Бадоса, Стефанос Циципас во јавноста ја претстави својата нова девојка. И таа има тениско минато, но за разлика од познатата Шпанка, станува збор за поранешна тенисерка со далеку поскромна кариера.
Новата партнерка на грчкиот ас е Кристен Томс, 28-годишна Американка која никогаш немала ВТА рејтинг. Според достапните податоци, во целата професионална кариера одиграла само шест меча, од кои победила на еден, а вкупната заработка ѝ изнесувала 294 долари. Со тенис започнала во 2014 година, а веќе во 2016 ја завршила професионалната кариера, настапувајќи исклучиво на најниските турнири. Подоцна се посветила на универзитетскиот тенис, а денес работи како инфлуенсерка.
Циципас ја објави врската преку видео на социјалната мрежа „Х“, на кое двајцата уживаат на романтично патување во Намибија. На снимката се гледа како летаат со балон, наздравуваат со шампањ, додека Стефанос, во свој стил, изнесува филозофски размислувања. Со оглед на тоа што грчкиот тенисер веќе се наоѓа во Австралија, каде настапуваше на Јунајтед купот, јасно е дека видеото е снимено претходно.
Грчките медиуми тврдат дека парот го поминал Божиќ во Африка, а самата објава сугерира дека врската е веќе во понапредна фаза. Според информации од Атина, Циципас и Томс биле забележани заедно уште кон крајот на летото, кога поранешниот финалист на Ролан Гарос и Австралија опен настапуваше во Дејвис купот против Бразил.
Стефанос Циципас има 27 години и зад себе исклучително тешка сезона. Иако во февруари ја освои титулата во Дубаи, неговата форма потоа драстично опадна, а моментално се наоѓа на 34. место на АТП листата.