ВИДЕО: Цело Косово на нозе – денот кога пристигна големиот Роналдо!

Косово е следниот ривал на Македонија во плеј-офот од Лигата на нациите, на чија територија пред дваесетина години се појави големата бразилска суперѕвезда Роналдо.

Во 1999 година, неколку месеци по воениот конфликт, легендарниот Бразилец го посети Косово како дел од хуманитарна кампања. Таму се отвораше ново училиште, а светски познатата ѕвезда беше гостин и подари чек од 30.000 долари. Кампањата ја поддржа и Интер, како негов тогашен клуб.

„Никој не смее да биде осуден на живот на сиромаштија, без разлика дали е со раѓање или како последица на војна. Особено сум загрижен дали секое дете има можност да има образование со кое ќе се подготви за животот. Сакам да им кажам на луѓето дека сите можеме да сториме нешто за да им помогнеме на другите да го подобрат своето живеење“ , изјави Роналдо.

Беше тоа голем ден во Ѓаковица, каде беше стациониран речиси цел регион. Цело Косово беше на нозе, за да го види еден од најдобрите фудбалери на сите времиња. Додека Роналдо се движеше блиску до училиштето, некои дури се качуваа и на дрва, само за да го видат.

  • Моментот од посетата на Роналдо на Косово:

Најдобрата „деветка“ во историјата на фудбалот во 1999 година беше член на Интер. Во богатата кариера Роналдо играше уште и за Крузеиро, ПСВ Ајндховен, Барселона, Реал Мадрид, Милан и Коринтианс, а има две светски круни и две титули во Копа Америка.

Убиствениот напаѓач сигурно ќе направеше многу повеќе во кариерата, да не беа кобните повреди на колената кои му направија голем проблем.