Батлер: НБА е популарна низ целиот свет, но Меси е славен и на другите планети

Лидерот на екипата на Мајами Хит, Џими Батлер изјави дека е пресреќен што Лионел Меси го одбрал токму Мајами како негова следна дестинација во кариерата. Одличниот кошаркар на „жешките“ даде изјава за медиумите и го нарече Аргентинецот „еден од најголемите великани“. 

„Навистина ми е драго што Меси го одбра Мајами. Тој е еден од најголемите великани на тој прекрасен спорт. Знам дека кај нас (САД) фудбалот не е толку многу популарен, но со неговото доаѓање тоа драстично ќе се промени. Среќен сум за градот Мајами, луѓето овде заслужуваат секогаш да гледаат спортисти од светска класа. Се надевам дека Интер Мајами ќе бележи огромни успеси со фудбалскиот генијалец“, изјави Батлер. 

Американските новинари се пошегуваа со Батлер и му рекоа дека со доаѓањето на Меси, кошаркаркот го губи приматот на прва спортска ѕвезда во градот. Батлер со насмевка на лицето рече дека „Меси сосема заслужено ќе биде ѕвезда број еден во Мајами“. 

Ние играме кошарка. НБА-лигата е популарна низ целиот свет, но Меси е популарен и на другите планети“, шеговито заклучи Џими Батлер. 

Ѕвездата со неговиот Мајами Хит го очекува четвртиот натпревар против Денвер Нагетс во финалната серија за титулата во НБА-лигата. „Жешките“ имаат негатива од 2-1 по три одиграни мечеви, а четвртиот ќе се одигра повторно на источниот брег, по што серијата ќе се врати во Денвер.