Африканска држава го сака Тајсон за заштитно лице на индустриски канабис

Африканската држава Малави, каде одгледувањето и трговијата со канабис за медицински цели е легално, официјално побара од боксерската легенда Мајк Тајсон да стане заштитно лице на таа локална индустрија.

Министерството за земјоделство наведува дека „На Малави му треба партнер во сложената индустрија за канабис“, и дека поранешната боксерска легенда би била идеална за таа работа.

Мајк Тајсон бележеше големи успеси со легалниот бизнис со канабис во последните години, а кон крајот на октомври американскиот магазин „Форбс“ објави дека Тајсон ќе основа нова компанија за продажба на производи на база на канабис во Соединетите Американски Држави.

На почетокот на 2020 година, Малави се приклучи на листата на африкански земји кои дозволуваат употреба на канабис за медицински цели, особено за да се компензира со намаленото производство на тутун.